Европската комисија ја одобри Програмата за прекугранична соработка меѓу Бугарија и Северна Македонија за програмскиот период 2021-2027 година
Европската комисија даде зелено светло за започнување на Програмата за прекугранична соработка INTERREG VI-A IPA Бугарија - Северна Македонија 2021-2027 со одлука за одобрување од 29 ноември 2022 година.
Во текот на следните 7 години ќе се инвестира ресурс од над 31 милиони евра во прекуграничниот регион на Програмата - регионите Благоевград и Ќустендил во Република Бугарија и североисточниот, источниот и југоисточниот плански регион на Северна Македонија.
Најголем дел од програмскиот буџет, над 15,5 милиони евра, се планира да биде наменет за финансирање проекти за интегриран територијален развој со фокус на специфичните потреби на регионот. Во рамките на овој приоритет ќе бидат поддржани активности за развој на целосни, интегрирани и одржливи туристички производи, за зголемување на производствениот капацитет на МСП и проширување на нивната економска активност на нови пазари и производи.
За да се подобри регионалната поврзаност и да се стимулира економскиот раст во прекуграничниот регион, ќе се финансира изградбата на граничниот премин Берово - Струмјани и соодветната инфраструктура. Проектот ќе го спроведуваат Регионалната управа на Благоевград и Царинската управа на Република Северна Македонија.
Инвестициите за изградба на зелени површини во урбани и приградски средини, развој на природни зелени урбани површини и зелени површини за управување со водите се вклучени во Приоритетот „Позелен прекуграничен регион“ со ресурс од 5,2 милиони евра.